Jump to Navigation

Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен

Управната постапка е постапка од големо значење за странките – учесници во истата, бидејќи остваруваат свои определени права пред органите на извршната власт. Во управната постапка во кои решавале министерствата и другите органи на државната управа, организациите и другите државни органи утврдени со закон, до донесувањето и стапувањето во сила на Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка за работен однос од втор степен (Службен весник на Република Македонија број 51/2011), решавала Владата на Република Македонија преку Комисии надлежни за определени области во втор степен, доколку со материјалните закони не било поинаку определено.

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во управна постапка во прв степен од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи.

Таа е надлежна да одлучува и за прашања од областа на работните односи во втор степен (кои не се во надлежност на Агенцијата за администрација), за прашањата од областа на работните односи за државните службеници од Агенцијата за администрација, како и против решенијата на Министерството за внатрешни работи со кои се поништени решенијата за доделување награди.

Начинот на работа и постапката за одлучување пред Државната комисија е уреден со Деловник за начинот на работа и постапката за одлучување на Државната комисија.

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка за работен однос од втор степен е основана со Закон и започна со работа на 1 декември 2011 година.

Просториите на Државната комисија се наоѓаат на кеј Димитар Влахов бр. 4 во Скопје.

Контакт телефон на Државната комисија е 02/3211 - 343



Book | by Dr. Radut